Русите до Европа: Ќе плаќате поскап гас доколку Украина не се предомисли


Доколку Украина не се согласи да го продолжи договорот за транзит на руски гас преку нејзина територија по истекот на годинава, односно по 31 декември, европските потрошувачи ќе го почувствуваат тоа во вид на повисоки цени, соопшти денеска Кремљ.

„Ваквите одлуки ќе предизвикаат сериозна штета на европските потрошувачи“
Украина повтори дека не планира да потпише нов договор за транзит на гас со Русија поради тековниот воен конфликт. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од друга страна, рече дека доколку Киев не го продолжи договорот, Русија би можела да најде алтернативни рути, како што е планираниот турски гасен центар.

„Има и други рути, но секако дека таквите одлуки на украинската страна ќе предизвикаат сериозна штета на интересите на европските потрошувачи, оние кои сепак сакаат да купат загарантиран и попристапен руски гас“, најави Песков.

Повеќето клиенти се подготвуваат за нарушување на протокот
Тој, исто така, рече дека Европа ќе мора да плати повеќе за гас од други добавувачи, вклучително и течен природен гас (LNG) што доаѓа од САД.

Поголемиот дел од примателите на рускиот гас, кој ја минува транзитната рута низ Украина, најавија дека се подготвуваат да го прекинат протокот на крајот на оваа година, кога истекува транзитниот договор меѓу Украина и Русија, со оглед на тоа што Украина најави дека не сака да го обнови.

Друга опција е Гаспром да испорачува дел од гасот преку друга рута, на пример преку Турски тек, Бугарија, Србија или Унгарија. Сепак, капацитетот на овие рути е ограничен. ЕУ и Украина, исто така, побараа од Азербејџан да организира разговори поврзани со договорот за транзит на гас со Русија.