Русинот кој беше уапсен во северно Косово прогласен за „персона нон грата“

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска информира дека рускиот државјанин Михаил Красношченков, кој беше уапсен во вторникот од полицијата поради „попречување во вршењето на службена должност“ за време на акцијата во северно Косово, е прогласен за „персона нон грата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај преку својата страница на Фејсбук објави дека одлуката ја донел „поради активностите на рускиот државјанин против уставниот поредок на Косово, универзалните вредности, мирот и стабилноста“.

Одлуката, како што објави косовскиот премиер, стапува во сила веднаш, а на Красношченков, кој е службеник во Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК), му е наложено да ја напушти државата.

– Го повикувам специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во Косово да ја почитува одлуката, објави Харадинај.

Красношченков, заедно со уште еден вработен во УНМИК, косовски Србин, беше приведен за време на полициската акција во општините со мнозинско српско население во северно Косово, во која беа уапсени околу 30 лица, повеќето припадници на косовската полиција, осомничени за организиран криминал, шверц, злоупотреба на службената должност и други кривични дела. Подоцна истиот ден двајцата припадници на УНМИК беа ослободени.