Русија знаела за посетата на Бајден на Киев


Соединетите држави ја известиле Русија дека Џо Бајден ќе го посети Киев неколку часа пред да замине, соопшти Белата куќа.

„Ги информиравме Русите дека претседателот Бајден ќе отпатува за Киев“, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан.

Тој рече дека тоа е направено неколку часа пред неговото заминување за да се избегнат конфликти.

„Поради чувствителноста на тие комуникации, нема да навлегувам во тоа како тие реагираа или за прецизната природа на нашата порака, но можам да потврдам дека го дадовме тоа известување“, рече Саливан.

Како што рече, со денешната ненајавена посета на Киев Бајден смета дека било важно да се испрати порака за постојана поддршка на Украина.

Бајден денеска беше во ненајавена посета на Киев, при што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и вети дополнителна американска помош од половина милијарда долари за Украина.