Русија загуби две третини од тенковите во инвазијата на Украина
Бројот на потврдени загуби на руски тенкови од инвазијата на Украина надмина 2.000. Поради тоа руската армија мора да ги извади од складиштата тенковите од 1950-тите и 1960-тите. Иако не се добро прилагодени за вистински операции со тенкови, тие се користат како артилериска поддршка, истакнуваат аналитичарите.
На почетокот на војната, Русија имаше околу 3.000 борбено подготвени тенкови, изјави за „Бизнис инсајдер“ Јакуб Јановски, кој е вклучен во составувањето на списокот на загуби на воена опрема за холандската веб-страница „Орикс“. Според „Орикс“, до 31 мај, Русија загубила 2.001 тенкови, од кои повеќе од една четвртина му биле „подарени“ на непријателот: украинските трупи заробиле 544 тенкови, уште 1.238 биле уништени, 106 биле оштетени, 113 биле напуштени.
Така, Русија во Украина губи во просек по 4,3 тенкови дневно.
Во 2021 година, според базата на податоци за воена рамнотежа на Британскиот меѓународен институт за стратешки студии, 3.330 тенкови биле во служба во вооружените сили на Руската Федерација, од кои 2.840 биле во копнените сили, останатите биле во воздушните сили, кај маринците и крајбрежните одбранбени сили. Но, „Орикс“ забележува дека ги зема предвид само документираните загуби (фото и видео), така што во реалноста Русија изгуби повеќе опрема, вели Јановски.
Причините за ваквите катастрофални последици, според него, се „непромислениот план на почетната инвазија“, ефективната употреба на противтенковско оружје, мински полиња и артилерија од страна на украинските вооружени сили. Кон ова може да се додадат и безумните операции, на пример, девет обиди да се премине реката Северски Донец во мај 2022 година (со загуба на околу 80 оклопни возила и повеќе од 400 луѓе) или офанзива кај Вугледар во февруари 2023 година, кога генерал полковник Рустам Мурадов ја впушти армијата на мински полиња и под артилериски оган, губејќи две елитни бригади маринци и 103 парчиња опрема, вклучително и 36 тенкови (според проценките на „Орикс“) за три дена.
И за време на есенската офанзива во регионот Харков, вооружените сили на Украина успеаја да заробат околу 200 тенкови.
Руските сили мораа да ги надоместат загубите со околу 4.000 тенкови чувани во резерва, вели Јановски. Многу од нив беа произведени во 1960-тите и 1970-тите, а во март имаше фотографии од возови со тенкови Т-54 и Т-55, произведени во 1940-тите и 1950-тите.
Украина, според „Орикс“, изгубила вкупно 506 тенкови; па руските трофеи целосно ги надоместија нејзините загуби. Односот на загубите е сè уште во корист на Украина, но веќе помал од минатата есен, вели Јановски.
Фактот дека руската армија научи нешто од своите грешки, го потврдуваат и Џек Вотлинг и Ник Рејнолдс, експерти од Кралскиот институт за истражување на обединета одбрана (RUSI). Тенковите почнаа да користат термичка камуфлажа, што во голема мера ја намали можноста за нивно откривање, пишуваат тие во извештајот „Малница за месо: руска тактика во втората година од војната во Украина“. Покрај тоа, тие сега многу ретко се користат за пробиви, особено по катастрофата кај Вухледар. Тие главно се користат за артилериски оган, па дури и „исмејуваните на Интернет Т-62 и Т-55“ можат ефикасно да се користат за огнена поддршка, како борбени возила на пешадија, пишуваат Вотлинг и Рејнолдс.