Русија времено ќе ја прекине испораката на гас за ЕУ преку „Северен ток 1“


 

„Гаспром“ објави дека целосно го затвора гасоводот „Северен ток 1“. Гасоводот, кој испорачува руски гас за Европа, ќе биде затворен поради одржување од 31 август до 2 септември.

„Гаспром“, рускиот енергетски гигант, во петокот објави дека транзитот на природен гас до Европската унија преку гасоводот „Северен ток 1“ ќе биде стопиран од 31 август до 2 септември поради одржување, пишува РТ, близок до руската влада.

„На 31 август единствениот работен компресор за гас ќе биде исклучен на три дена поради одржување“, соопштија од „Гаспром“, нагласувајќи дека сите поправки ќе се вршат заедно со експерти од германски „Сименс“.

По завршувањето на работите, односно откако ќе се отстранат дефектите на гасоводот, транспортот на гас ќе се врати на ниво од 33 милиони кубни метри дневно, односно ќе работи со капацитет од 20 отсто.