Русија во нов силен напад да го освои Бахмут


Командантот на украинската армија, генерал полковникот Олександар Сирски дава инструкции од засолништетот во Соледар (Фото: АП)

 

Руските војници прават уште еден обид да напредуваат во малиот град Соледар во близина на Бахмут во источниот украински регион Доњецк, соопшти заменик-министерката за одбрана Хана Малијар во понеделникот на Телеграм.

„По неуспешниот [претходен] обид да се заземе Соледар и да се повлече, непријателот се регрупира, ги обнови загубите, распореди дополнителни јуришни единици, ја смени тактиката и започна моќен напад“, рече Малијар. „Во моментот, непријателот ангажираше голем број јуришни групи формирани од најдобрите резерви на трупите на Вагнер. Непријателот напредува буквално преку труповите на сопствените војници, масовно употребувајќи артилерија, повеќеракетни фрлачи и минофрлачи, покривајќи ги со оган дури и сопствените борци“.

„Тешките борби продолжуваат токму во овој момент“, додаде таа.

Претходно во понеделникот, Серхи Черевати, портпарол на украинската војска, изјави за украинската телевизија дека Русија „успела да концентрира повеќе свои единици“ околу Соледар и дека таму распоредува „редовни“ трупи и платеници кои работат за групата „Вагнер“.

Шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во неделата изјави дека една од причините поради која сакал да ги преземе Бахмут и Соледар за да го контролира системот на рудници во таа област, што тој го опиша како „мрежа од подземни градови“.

Черевати, портпарол на Источната група на украинските вооружени сили, рече дека тие се обидуваат да евакуираат цивили од Соледар, но не сите се подготвени да заминат.

„Соледар е всушност уништен“, рече тој. „Таму има жители. Се прави сѐ за нивна евакуација. Сега е тешко да се зборува за бројки. Има дел од луѓето, особено постарата генерација, кои имаат голем страв од промени, да ги напуштат домовите и да се преселат некаде. Ние комуницираме со нив, но не секогаш сите се согласуваат [да си заминат]“.

Во неделата вечерта, претседателот Володимер Зеленски рече дека Соледар „издржува“, но тоа е „исклучително тешко“.