Русија удри и на меморијалот на холокаустот во Бабин Јар во Киев


 

Руското гранатирање на ТВ кула во Киев, за кое украинските власти велат дека уби пет лица, ја погоди и територијата на споменикот на холокаустот во Бабин Јар, кој ја одбележува локацијата каде нацистите убија меѓу 70.000 и 100.000 луѓе во Втората светска војна, вклучително и речиси целото еврејско население на Киев.

Во изјавата, Натан Шарански, претседател на Надзорниот одбор на Меморијалот на холокаустот во Бабин Јар, рече: „Обидите на Путин да го искриви и манипулира со холокаустот со цел да оправда нелегална инвазија на суверена демократија се крајно одвратни. Симболично е што тој го започна нападот врз Киев со удар на територијата на Бабин Јар, каде што се случи најголемото злосторство на нацистите“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој и самиот е Евреин и кого рускиот претседател Владимир Путин лажно го означи како нацист, напиша во твит: „На светот: која е поентата да се вели «никогаш повеќе» 80 години, ако светот молчи кога ќе падне бомба на истата локација на Бабин Јар? Најмалку 5 загинати. Историјата се повторува…“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави: „ТВ кулата во Киев, која штотуку беше погодена од руски проектил, се наоѓа на територијата на Бабин Јар. На 29-30 септември 1941 година, нацистите овде убија над 33 илјади Евреи. 80 години подоцна, руските нацисти ја напаѓаат истата земја за да ги истребат Украинците. Зло и варварско“.