Русија: Уапсен уште еден генерал од кругот на Шојгу


Сергеј Шојгу и уапсениот генерал Павел Попов

 

Безбедносните сили го приведоа поранешниот заменик-министер за одбрана на Русија, армискиот генерал Павел Попов. Тој беше заменик на разрешениот Сергеј Шојгу 11 години и го надгледуваше системот на одбранбени контролни центри на земјата. Попов добил отказ пред два месеци, јави медиумот „112“. Случајот против него е поврзан со активностите на Патриотскиот парк кај Москва.

Попов е осомничен за измама појаснуваат од Истражниот комитет. Според оперативците, во 2021-2024 година, генералот, додека бил одговорен за развојот, одржувањето и функционирањето на Патриотскиот парк, бил ангажиран во лично збогатување, дејствувајќи заедно со директорот на институцијата, Вјачеслав Ахмедов и заменик-шефот на Главната дирекција за иновативен развој на Министерството за одбрана, Владимир Шестеров. Двајцата беа уапсени во врска со случајот со измама на почетокот на август.

Како што утврди истрагата, Попов ги искористил средствата доделени на Патриотскиот парк за да си изгради имот во округот Красногорск во Московскиот регион, принудувајќи ги изведувачите да ја вршат работата и да не плаќа за нивните услуги. По изградбата на куќата и уредувањето на локацијата, генералот „продолжил да обезбедува техничко и економско одржување“ на своите земјишта од околу 3 хектари на сметка на Паркот, истакна Истражниот комитет.

Покрај наведената парцела со куќи, „Попов и членовите на неговото семејство поседуваат бројни имоти во престижни области на Москва, Московскиот регион и Краснодарскиот регион“.

Попов долго време работеше со Шојгу. Најпрвин беше негов заменик во Министерството за вонредни состојби, а потоа премина во Министерството за одбрана. Високиот воен човек стана четвртиот генерал приведен во тимот на Шојгу, а трет заменик-министер.