Русија тврди дека моранарите од „Москва“ се спасени, но нема ниту една слика од нив
Од потопениот руски ракетен крстосувач „Москва“, командниот брод на руската Црноморска флота, веројатно се спасиле само неколку десетици луѓе отккако беше погоден од украински ракети на почетокот на оваа недела, покажуваат најновите извештаи, пишува британски „Телеграф“. На бродот имало екипаж од 510 луѓе.
На руската армија ѝ требаше речиси цел ден да ја признае срамната загуба на својата најголема гордост.
Русите продолжуваат да тврдат дека ракетниот крстосувач „Москва“ потонал во бурните води по пожари и експлозии предизвикани од муниција складирана на бродот. Руското Министерство за одбрана соопшти дека Москва потонала додека била влечена до пристаништето при бурно време.
Но, САД потврдија дека бродот бил погоден од две украински ракети „Нептун“ и дека токму тоа го предизвикало пожарот и потонувањето на крстосувачот.
Руските власти, исто така, тврдеа дека сите 510 членови на екипажот на Москва се евакуирани и транспортирани на безбедно во Севастопол на Крим, кој Русија го анектираше.
Руската државна телевизија засега не објави снимки или фотографии од членовите на екипажот кои наводно безбедно се вратиле дома, што е многу необично.
Но, неколку десетици луѓе се собраа во петокот на бдение на плоштадот во Севастопол. На погребниот венец поставен под споменикот на руската морнарица пишуваше „За ‘Москва’ и нејзиниот екипаж“. Но, не се знае што се случило со нив.
Десетици луѓе наводно биле спасени од бродот пред да потоне. Литванскиот министер за одбрана Арвидас Анушаускас изјави дека најмалку 54 лица се евакуирани во турски брод по повикот за помош испратен од ‘Москва’ во раните утрински часови во четвртокот.
Висок претставник на американската одбрана во петокот изјави за новинарите дека Вашингтон верува дека има повеќе жртви на бродот, но одби да даде дополнителни детали. Украинските власти тврдат дека никој не бил спасен од бродот и дека меѓу загинатите е и капетанот Антон Куприн.
„Видовме дека други бродови се обидоа да им помогнат, но дури и силите на природата беа на страната на Украина бидејќи не можеа да се евакуираат и да го спасат екипажот поради невремето“, изјави портпаролката на армијата во јужна Украина.