Русија стави вето во Советот за безбедност на резолуција која ја осудува анексијата


Гласањето во Советот за безбедност

 

Русија во петокот стави вето на резолуцијата во Советот за безбедност на Обединетите нации со која би се осудила тврдената руска анексија на четири украински региони по таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација.

Референдумите беа универзално отфрлени како „измама“ од Украина и западните земји.

Резолуцијата би ја осудила руската „организација на незаконски таканаречени референдуми во региони во меѓународно признатите граници на Украина“ и би прогласила дека референдумите „немаат важење“.

Резолуцијата, исто така, ќе ја повика Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

Русија беше единствената земја што се спротивстави на резолуцијата.

„За“ гласаа десет земји: Албанија, Франција, Гана, Ирска, Кенија, Мексико, Норвешка, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и САД.

Четири земји беа воздржани: Бразил, Кина, Габон и Индија.

Говорејќи пред гласањето, американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд – која ја поднесе резолуцијата заедно со нејзиниот албански колега – рече дека таа е усогласена со целите на Советот за безбедност за одбрана на суверенитетот, заштита на територијалниот интегритет и обезбедување мир и безбедност.

„Зборуваме за земја-членка на ОН, членка на Советот за безбедност, која се обидува да анектира дел од друга држава преку сила“, рече Томас-Гринфилд. „Исходите од овие лажни референдуми беа однапред одредени во Москва и сите го знаат тоа. Тие беа држени зад цевката на руските пушки“.

Василиј Небензија, рускиот амбасадор во ОН, рече дека резултатите зборуваат сами за себе.

„Големо мнозинство од оние што гласаа ја поддржаа интеграцијата на овие региони да се припојат во Русија“, рече тој.

Тој уште нагласи: „Дали сериозно очекувате Русија да разгледа и поддржи таков нацрт? А ако не, тогаш излегува дека намерно нè туркате да го искористиме правото на вето за потоа да се разочараме за фактот дека Русија го злоупотребува ова право“, рече Небензија.