Русија соопшти дека 40 украински заробеници загинале во експлозија

Урианските војници се наоѓале во затворот Оленивка во Донецк. Москва тврди дека биле погодени од украинска артилерија


Украински заробеник во затворот Оленивка

 

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 40 украински воени заробеници се убиени од украинско гранатирање на затвор во Донецк, кој е под контрола на сепаратистите.

Официјални лица тврдеа дека 75 други биле повредени во ракетен напад врз затворскиот логор во Оленивка. Би-Би-Си не може самостојно да го потврди ова тврдење.

Украинската војска негираше дека го извршила нападот и наместо тоа ја обвини Русија за гранатирање на затворот.

Се вели дека Москва се обидува да ги прикрие доказите за тортура на местото.

„Руските окупатори ги следеа своите криминални цели, на тој начин, да ја обвинат Украина за ‘воени злосторства’ и да го сокријат мачењето на затворениците и пукањата извршени таму по наредба на окупациската администрација и командата на вооружените сили на Руската Федерација“, соопшти Генералштабот на Украина.

„Рускиот непријател продолжува со своите пропагандни методи за водење информациска војна со цел да ги обвини вооружените сили на Украина за гранатирање на цивилната инфраструктура и населението, криејќи ги сопствените подмолни дејствија.

Снимката емитувана на руската државна телевизија покажува остатоци од зграда која чади, во која се чини дека има некои човечки останки. Би-Би-Си не може самостојно да ја потврди снимката, но анализата сугерира дека зградата била погодена со запаливо средство, а не со обична артилерија.

Даниил Безсонов, портпарол на сепаратистичката Народна република Донецк, поддржана од Русија, рече дека тоа бил „директен удар врз касарната во која има затвореници“ и дека бројот на убиени може да се зголеми.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил извршен со артилерија Химарс од американско производство и ја обвини Украина за „намерно изведена“ провокација.

Портпаролот на министерството, генерал-полковник Игор Конашенков, исто така, рече дека осуммина вработени во затворот биле ранети.

Но, Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека руските наводи се „класична, цинична и разработена операција за лажно знаме“ дизајнирана да ги дискредитира украинските власти.

„Бараме реакција од ОН и меѓународните организации“, додаде тој.

И министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба ја обвини Русија за извршување на „уште едно воено злосторство“.

Утврдено е дека голем број украински војници кои им се предале на руските сили по долготрајната опсада на фабриката за челик ‘Азовстал’ во Мариупол биле одведени во Оленивка.