Русија со закон забрани објавување на приходите и имотот на пратениците

Усвојувањето на законот дојде истиот ден кога суд во Москва го одобри барањето за распуштањето на Московската Хелсиншка група основна уште во 1976


 

Долниот дом на рускиот парламент гласаше за закон со кој ќе се укине барањето пратениците да ги објавуваат своите годишни извештаи за приходите и имотот, со што значително ќе се намали транспарентноста.

Според соопштението на веб-страницата на Државната дума, по 1 март, јавно достапните информации за изјавите за приходи на руските пратеници нема да дозволат нивна идентификација.

Пратениците сепак ќе бидат обврзани секоја година да ги поднесуваат своите декларации до даночните власти и врз основа на овие информации ќе се објавува „резиме“.

„Ова е за заштита на личните податоци“, рече еден пратеник, Павел Крашениников, цитиран на веб-страницата на Дума.

Предлог-законот беше одобрен на неговото трето и последно читање во средата. Тој сепак мора да биде одобрен од Советот на федерацијата, Горниот дом на Русија, и потпишан во закон од претседателот Владимир Путин – обично формалност.

„Де факто, се враќаме на советскиот модел на борба против корупцијата, кој треба да вклучува само спроведување на законот“, изјави политикологот Алексеј Макаркин во понеделникот за весникот „Комерсант“.

Гласањето дојде истиот ден кога московскиот суд нареди затворање на најстарата руска организација за човекови права, Московската Мелсиншка група, замолчувајќи уште една почитувана институција.

Судијата на градскиот суд во Москва го одобри барањето на Министерството за правда за „распуштање“ на групата за права, објави судот во соопштението. Московската Хелсиншка група соопшти дека ќе се жали на одлуката. Тоа е најновата во серијата правни пресуди против организации кои го критикуваат Кремљ, тренд што се интензивираше откако Путин испрати војници во Украина минатата година.

Московската Хелсиншка група беше создадена во 1976 година кога Русија беше дел од Советскиот Сојуз и се сметаше за најстарата група за права во Русија. Со децении на чело беше Људмила Алексеева, дисидент од советската ера, која стана симбол на отпорот во Русија и коај почина во 2018 година.

Кога Алексеева – доајенката на движењето за права на Русија – го прослави својот 90-ти роденден, Путин ја посети дома, носејќи ѝ цвеќе. „Јас сум ти благодарен за сè што направи за огромен број луѓе во нашата земја многу, многу години“, ѝ рекол тогаш Путин.

Министерството за правда ја обвини групата за права за кршење на нејзиниот правен статус со спроведување активности како што се набљудување судења надвор од московскиот регион. (АФП)