Руски државни хакери ги напаѓаат и истражувачите на вакцината за корона вирусот


Групата АПТ29 е активна веќе неколку години

Истражувачките групи биле на мета на групата позната како АПТ29, која „речиси сигурно“ е дел од разузнавачките служби на Кремљ

 

Руски хакери спонзорирани од државата ги ставија на своја мета организации од Велика Британија, САД и Канада кои се вклучени во развој на вакцина против корона вирусот, тврдат британски безбедносни претставници.

Националниот центар за компјутерска безбедност на Велика Британија соопшти дека фармацевтските компании и истражувачките групи биле на мета на групата позната како АПТ29, која „речиси сигурно“ е дел од разузнавачките служби на Кремљ.

Британските власти не велат дали некој од нападите успеал во нивната цел да украдат медицински тајни. Сепак, тие истакнаа дека ниту едно истражување за вакцините не е компромитирано како резултат.

Велика Британија е во првите редови на напорите за истражување за производство на вакцина против корона вирусот, со научници од универзитетот Оксфорд и Империјал колеџ во Лондон меѓу оние што ги водат глобалните напори за пронаоѓање на виталниот лек.

Ретко е за Велика Британија експлицитно да се изјасни дека верува оти друга земја стои зад координираната кампања на сајбер-напади, но британските официјални претставници посочија дека ја споделиле својата проценка со САД и Канада, од кои се се очекува наскоро да ги објават своите наоди.

Секретарот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб, рече дека е „целосно неприфатливо“ за руските разузнавачки служби да ги таргетираат истражувањата за пандемијата со Ковид-19.

Тој рече: „Додека другите ги следат своите себични интереси со несовесно однесување, Велика Британија и нејзините сојузници продолжуваат со напорна работа за пронаоѓање вакцина и заштита на глобалното здравје. Велика Британија ќе продолжи да се спротивставува на оние кои вршат вакви сајбер напади и ќе работи со нашите сојузници сторителите да одговараат“.

Групата АПТ29 е активна веќе неколку години, а во хакерската заедница е позната и како „Војводи“ или Cozy Bear. Истата група е поврзана со напади врз Демократската партија на САД во пресрет на изборите во 2016 година.

Cozy Bear дојде до израз во 2015 година. Се тврди дека Cozy Bear ја контролира руската шпионска агенција ФСБ.

APT29 користи различни алатки и техники за да се обиде да украде тајни, вклучително и користење на е-пошта. Нејзини цели се и владите, мислителите и енергетскиот сектор. (Гардијан)