Русија си оди од Советот на Европа, се стигнало до точка од која нема враќање


 

Поради тоа што „земјите од ЕУ и НАТО, кои се непријателски настроени кон Русија, го користат своето апсолутно мнозинство во Комитетот на министри на Советот на Европа“, Русија нема да учествува во работата во најголемата европска институција. Во соопштението на руското министерство се изнесуваат остри обвинувања против САД „и нивните сателити“, дека го уништуваат Советот на Европа.

„Земјите од ЕУ и НАТО, кои се непријателски настроени кон Русија, го користат своето апсолутно мнозинство во Комитетот на министри на Советот на Европа за да продолжат со уништувањето на Советот на Европа и заедничкиот хуманитарен и правен простор во Европа.

Настаните се приближуваат до точка од која нема враќање. Русија нема да ги прифати субверзивните акции што ги презема колективниот Запад за да го замени меѓународното право, кое САД и нивните сателити го газат, со ‘поредок заснован на правила’. Русија нема да учествува во кампањата што ја водат НАТО и неговите послушни следбеници на ЕУ за претворање на најстарата европска организација во друга платформа за проповедање на супериорноста на Западот и за слава. Нека уживаат меѓусебно без Русија“, стои во соопштението на руското МНР.

Советот на Европа на 25 февруари одлучи да го суспендира учеството на руските дипломати и претставници во главните тела на паневропската организација, а одлуката стапи на сила веднаш, како одговор на руската вооружена инвазија на Украина.

Одлуката значеше дека Русија останува членка на Советот на Европа бидејќи „суспензијата не е конечна, туку привремена мерка, оставајќи ги отворените каналите за комуникација“.