Русија се вмешала во референдумот за Брегзит во 2016 година, тврди британскиот премиер Барнам
Британскиот премиер Енди Барнам изјави дека Русија се вмешала во референдумот за Брегзит во 2016 година, предупредувајќи ги гласачите во Франција и Германија за обидите поддржани од Москва да влијаат врз политичкиот живот во нивните земји.
Барнам ова го изјави во интервју во поткастот „Останатото е политика“ објавено синоќа.
Барнам, кој ја презеде функцијата во јули и минатиот месец изјави дека Велика Британија би можела да размисли за повторно приклучување кон Европската унија во иднина, е првиот британски премиер кој отворено тврди дека има докази за руско мешање во референдумот пред една деценија.
– Кога влегов во Даунинг стрит, прашав дали Русија се вмешала во референдумот во 2016 година. Добив јасен одговор: да, имаше мешање – рече Барнам.
Тој не прецизираше како Москва влијаела на референдумот, ниту даде детали за доказите на кои го темели своето тврдење.
Руската амбасада во Лондон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Москва претходно ги негираше обвинувањата за мешање во гласањето за Брегзит, опишувајќи ги таквите тврдења како манифестација на антируска хистерија во Велика Британија.
Изјавата на Барнам претставува отстапување од ставот на поранешниот премиер Борис Џонсон, кој водеше кампања за напуштање на ЕУ и во 2020 година изјави дека нема докази за руско мешање во референдумот.
На референдумот во 2016 година, Британците гласаа со 52 наспроти 48 проценти за напуштање на Европската Унија, што доведе до најсериозната политичка криза во земјата од Втората светска војна.
Барнам рече дека гласачите во европските демократии треба да бидат подобро информирани за обидите за мешање во политичките процеси.
– Важно е овие факти јасно да се изнесат на јавноста. Мислам дека ова ќе им помогне на гласачите во Германија и Франција да разберат дека некои од политичките процеси ги водат нашите противници, имено Русија – рече тој.
Извештајот од 2020 година на парламентарниот Комитет за разузнавање и безбедност заклучи дека британската влада не успеала да утврди дали Русија се мешала во референдумот за членство во Европската Унија во 2016 година.
Истиот извештај, исто така, посочи дека Русија се обидела да влијае на референдумот за независност на Шкотска во 2014 година, на кој мнозинството гласачи гласаа против отцепување од Обединетото Кралство.
Минатиот месец, Барнам изјави дека би можел да води кампања за враќање на Велика Британија во ЕУ на следните општи избори, повторно отворајќи ја длабоко поделена дебата во британското општество за односот на земјата со Европа.