Русија се согласи да продолжи договорот за извоз на украинското жито


 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во четвртокот потврди дека сите страни се согласиле да го продолжат договорот за извозот на украинското жито преку Црното Море постигнат со посредство на ОН, чија цел е да се олесни глобалната криза со храна, откако Русија фрли сомнеж за нејзиното континуирано учество во договорот.

„Го поздравувам договорот на сите страни за продолжување на Црноморската иницијатива за жито за олеснување на безбедната пловидба на извозот на жито, прехранбени производи и ѓубрива од Украина“, напиша Гутереш на Твитер. „Иницијативата ја покажува важноста на дискретната дипломатија во изнаоѓањето мултилатерални решенија.

Договорот, потпишан во јули, требаше да истече во сабота.

Во твит, украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков рече дека договорот ќе биде „пролонгиран за 120 дена“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вторникот фрли сомнеж за иднината на договорот, велејќи дека тој зависи од исполнувањето на постоечките услови. Претходно овој месец, Русија повторно се приклучи на договорот откако рече дека се повлекува.

Украина и Русија заедно сочинуваат речиси една третина од глобалниот извоз на пченица, а договорот за жито одигра клучна улога во намалувањето на цената на пченицата и другите стоки на глобално ниво.