Русија се премисли – ќе дозволи извоз на украинското жито


Брод со жито

 

Русија во средата се согласи да го продолжи своето учество во договорот постигнат со посредство на Турција и ОН за житото и другите стоки да се движат надвор од пристаништата на Украина за време на руската инвазија на Украина, рече турскиот претседател.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информирал турскиот министер за одбрана Хулуси Акар дека договорот за хуманитарен коридор за жито „ќе продолжи на ист начин како и досега“ од среда напладне.

Ердоган рече дека обновениот договор ќе даде приоритет на испораките до африканските нации, вклучително Сомалија, Џибути и Судан, во согласност со загриженоста на Русија дека најголемиот дел од житото што се извезува откако првпат беа постигнати договорите во јули, завршува во побогатите држАВИ.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија се согласила да продолжи да ја извршува својата улога во договорот откако добила писмени гаранции од Киев дека Украина нема да го користи морскиот коридор за воени акции против Москва, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Русија го суспендираше своето учество во договорот за жито во текот на викендот, повикувајќи се на наводите за напад со украински беспилотни летала врз нејзината црноморска флота. Руското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека бродскиот сообраќај од пристаништата во јужна Украина е запрен, нарекувајќи го движењето „неприфатливо“.

Министерството за одбрана во средата соопшти дека Украина формално се обврзала да ги користи безбедните бродски коридори низ Црното Море „исклучиво во согласност со одредбите на иницијативата на Црното Море“, повикувајќи се на посебните договори на ОН и Турција потпишани од Москва и Киев на 22 јули.

Бродовите натоварени со жито ја напуштија Украина во вторникот и покрај тоа што Русија го суспендираше своето учество во договорот постигнат со посредство на ОН, кој имаше за цел да обезбеди безбедно поминување на критичните резерви на храна наменети за делови од светот кои се борат со глад. Но, Обединетите нации рекоа дека бродовите нема да се движат во среда, предизвикувајќи загриженост за идните пратки.

Обединетите нации и Турција посредуваа во посебни договори со Русија и Украина во јули за да обезбедат Африка, Блискиот Исток и делови од Азија да добијат жито и друга храна од регионот на Црното Море за време на руската војна во Украина.