Русија распореди 180.000 нови војници – меѓу нив група полна со криминалци


Русија распоредила повеќе од 180.000 војници на двата главни источни фронта, според Серхи Червати, портпарол на источната група на вооружените сили на Украина.

„Повеќе од 180.000 руски војници се распоредени во областа на одговорност на Источната група сили… Фронтот Лиман-Купјанск е подолг, поради што непријателот ги концентрира силите таму“, рече Червати во интервју за украинските медиуми.

Во моментов на релација Лиман-Купјанск има „повеќе од 120.000 непријателски војници“.

Тој рече дека тие вклучуваат воздушни и механизирани единици, борбени резервни единици „Барс“, територијални сили и нови трупи за напад „Сторм З“ составени од осудени криминалци.

Червати рече дека на бојното поле во Бахмут има околу 50.000 руски војници. Градовите Лиман и Купјанск се оддалечени околу 100 километри, северно од Бахмут на источниот фронт на Украина.

Тешки борби кај Бахмут
Во меѓувреме, Хана Малиар, заменик-министер за одбрана на Украина, пријави чести судири кај Бахмут.

„Ситуацијата се менува многу брзо“, рече Малиар во објавата на Телеграм. „Контролата врз истите позиции може да се изгуби и да се врати два пати на ден“, додаде таа.

Генералот Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на Украина, рече: „Непријателот се обидува да ги префрли единиците на најопасните правци за контранапади во обид да ја дестабилизира ситуацијата, да предизвика загуби во Украина и да ја наруши логистиката на одбранбените сили“. Тој додаде дека „останува заканата од непријателски офанзивни дејствија од страната на Бахмут во правец на Часив Јар“.

Часив Јар се наоѓа на околу 15 километри западно од Бахмут. Сирискиј истакна дека Русите „очајно се држеле за позициите и упориштата што некогаш ги окупирале Вагнеровците“, мислејќи на платеничките сили што ја водат руската офанзива околу Бахмут.

„Украинските сили успеаја да ги спречат руските трупи да се движат во Бахмут“, рече тој.