Русија продолжува со тешки ракетни напади во источна Украина


Станбен блок во Сиверск во оган отако беше погоден од руска ракета

 

Руските ракетни напади предизвикаа голема штета во градовите и местата низ источна и јужна Украина, велат регионалните власти.

Четворица цивили загинаа во напад на Сиверск, град во областа Донецк, изјави локалниот гувернер Павло Кириленко.

Биле погодени и цивилни области на Дружкивка, во истиот регион. Уништен е супермаркет, а во близина се појавил голем кратер.

Се чини дека руските копнени сили не постигнале некој поголем напредок во изминатите 24 часа во напорите да го заземат остатокот од регионот на Донецк.

Украинските власти, исто така, известија за руски ракетни напади врз делови од Харков, на север, Миколаев на југ и Криви Рих, јужен град североисточно од Миколаев.

Украинските сили жестоко го бранат Миколаев, стратешко речно пристаниште на клучната рута до Одеса, која е главниот извозен центар на Украина. Руската морнарица сè уште ја спречува Украина да испорача жито од Одеса.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги повика жителите да ги напуштат руските окупирани делови на Керсон и Запорожје на југ. Изгледа дека предупредувањето навестува дополнителни украински контранапади. Русите го окупираа градот Керсон, но украинските сили зазедоа некои делови од регионот.

Полицијата во регионот ја обвинува Русија за намерно уништување на посевите. Во објавата на Фејсбук тие прикажуваат фотографии од запалени полиња и велат: „Пожари од големи размери се случуваат секој ден, стотици хектари пченица, јачмен и други житни култури веќе изгореа“. Тие, исто така, ги обвинуваат руските трупи за уништување амбари и земјоделска опрема и дека ги спречуваат локалните жители да ги изгаснат пожарите.

Во Криви Рих, руските ракети „Град“ оштетија училиште и станови, при што загина 41-годишна жена, изјави локалниот гувернер Валентин Резниченко.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили уништиле хангар со американски хаубици М777 во Часив Јар, во близина на Краматорск. Соединетите Американски Држави велат дека ѝ доставуваат на Украина уште четири високопрецизни ракетни системи. Претседателот Володимир Зеленски рече дека ракетите ХИМАРС се користат за да се погодат складишта и магацини со муниција на територијата што ја контролира Русија, што ги отежнува обидите на Москва за дотур.

Во Обединетото Кралство, базите на британската армија сега се користат за обука на Украинците во борба, вели владата на ОК. Таа има за цел да обучи до 10.000 Украинци во текот на следните месеци.

Во новото ажурирање на разузнавањето, британската војска вели дека Русија ги преместува резервните сили од целата земја на позиции во близина на Украина за идни операции. Но, се вели дека многу од засилувањата на Русија се „ад хок групи, распоредени со застарена или несоодветна опрема“.