Русија приведе јапонски конзул, Токио гневно


Конзулот Мотоки Тацунори

 

Јапонија во вторникот ја обвини Русија за неприфатливо однесување и предупреди дека ќе преземе „соодветни мерки“ како одговор, еден ден откако руската федерална безбедносна агенција ФСБ уапси јапонски дипломат во Владивосток.

Службеникот, идентификуван во извештаите како Мотоки Тацунори, беше обвинет дека е шпион. Тацунори е конзул во јапонскиот генерален конзулат во Владивосток, на истокот на Русија. Токио го негира обвинението за шпионажа.

Руското Министерство за надворешни работи го прогласи за персона нон грата за активности „штетни за безбедносните интереси на Русија“. Конзулот е ослободен по неколкучасовен притвор и добил 48 часа да ја напушти земјата.

Во соопштението, јапонското Министерство за надворешни работи ја обвини ФСБ за „присилно“ притворање и испрашување, вклучително и тоа дека Тацунори имал врзани очи и физички ограничување, според јапонската агенција Кјодо.

Министерството за надворешни работи соопшти дека физичката принуда врз дипломат е „прекршување“ на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Токио во вторникот го повика рускиот амбасадор Михаил Галузин да побара официјално извинување, додавајќи дека ќе преземе „мерки“ како одговор.

„Јапонската влада изразува силен протест и бара официјално извинување од руската страна и спречување тоа да се повтори. Дополнително, јапонската влада ќе преземе соодветни мерки“, се вели во соопштението

ФСБ тврди дека Тацунори добил доверливи информации за соработката меѓу Русија и азиско-пацифичките земји, како и за влијанието на западните санкции врз рускиот далечен исток. Тој е обвинет дека платил за информацијата.