Русија предизборно ја тресе и Белорусија


Меѓународниот институт  ИФИМЕС подготви анализа на претседателските избори во  Белорусија, што ќе се одржат на 9 август, насловена како „Вагнеризација на Белорусија“. Според анализата, претседателските избори се одржуваат во прилично напната атмосфера.Настаните во Белорусија во минатата година не се само последица на домашните политички односи во таа земја, туку има значајно влијание на странски фактор, кој интензивно работи во таа земја.

„Иако во фокусот на тековните настани е претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, станува збор за многу подлабоки и посложени настани отколку што се чини на прв поглед при набудување на односот меѓу претседателот и кандидатите на  опозицијата.

Претседателот Лукашенко во голема мерка се обиде да ја балансира својата политика меѓу Западот и неговиот источен сосед, Руската Федерација. Оваа политика во некои периоди фаворизираше еден или друг, а понекогаш и некој трет. Прагматичната политика на Лукашенко одигра важна улога во потпишувањето на мировниот договор во Минск, врз основа на која беа запрени воените конфликти во Украина.Санкциите на САД и ЕУ, наметнати на Белорусија за нејзиниот третман на политичките противници, во голема мерка се укинати по ослободувањето на политичките затвореници и нејзиниот придонес во потпишувањето на мировниот договор за Украина.

ЕУ ги укина санкциите кон Белорусија во февруари 2016 година во знак на признавање на демократскиот напредок, иако сè уште има загриженост за состојбата со човековите права во земјата. Така започна процесот на градење посилни односина Белорусија  со Западот, пред се со ЕУ, а потоа и со САД, иако остана ембаргото за оружје.

Односите со Русија, традиционален сојузник, беа затегнати откако Минск одби да ја признае анексијата од страна на Русија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

„Вагнер“ е тајна паравоена единица на руското Министерство за одбрана која се користи во конфликти, кога е неопходно да се одрече вмешаност (Донбас и Луганск во Украина во 2014 година, Сириската граѓанска војна во 2015 година, Венецуела во 2019 година и др.). Групата „Вагнер“ за прв пат се појави во 2014 година во регионот Луганск во Украина, а нејзини членови неодамна беа идентификувани и уапсени на територијата на Белорусија. Тие се осомничени за предизвикување немири и за дестабилизација на таа земја во врска со претстојните претседателски избори, односно за соборување на сегашната влада.

Аналитичарите сметаат дека Руската Федерација го сменила начинот на работа како резултат на зголеменото присуство на НАТО на западните граници. Наместо директно соочување со НАТО, таа прибегнува кон нови форми на дејствување, кои треба да предизвикаат нестабилност во целните земји и да предизвикаат локални конфликти. Провокација на внатрешна криза во Белорусија е идеална можност за акција на “Вагнер“ групата, која честопати ја користи доктрината на шок во своите постапки.

Забелешки за белоруската демократија доаѓаат и натаму од Западот. Но, слични критики од Западот се насочени и кон земјите кои се членки на ЕУ и НАТО, како што е Вишеградската група на држави. Аналитичарите сметаат дека настаните во Белорусија претставуваат одличен тест за ЕУ ​​и можноста и ефективноста на нејзината политика, односно дали ќе ја доближи Белорусија до себе и ќе ја интензивира соработката, или ќе ја препушти на милоста на Русија. Затоа, Западот во Белорусија се соочува со два избори – дали ќе ја поддржи демократијата или мирот и стабилноста? Искуствата од Западен Балкан, каде ЕУ честопати немаше „среќна рака“, ќе бидат многу корисни.

Непосредното воено присуство и заканата на НАТО на границите на Русија ја принудија Москва да дејствува поинаку во ново геополитичко преуредување. Иако Александар Лукашенко е фаворит на претстојните претседателски избори во Белорусија, неговиот реизбор нема да значи крај на проблемите за таа земја.

Аналитичарите сметаат дека интензивните активности за дестабилизирање на Белорусоја ќе продолжат, но се поставува прашањето: која е следната земја што ќе ја дестабилизира Русија според моделот на „Вагнеризација на Белорусија“?