Русија: Поранешниот новинар Иван Сафронов осуден на 22 години затвор за предавство

Обвинителството тврди дека тој им предавал чувствителни информации на Германија и Чешка


Иван Сафронов во кафезот во судницата

 

Иван Сафронов, поранешен новинар и советник на шефот на руската вселенска агенција Роскосмос обвинет за државно предавство, стои во кафезот на обвинетите додека присуствува на судското рочиште во Москва, Русија на 5 септември. Ројтерс)

Во најпознатиот случај на предавство во последните години, Московскиот градски суд во понеделникот го осуди Иван Сафронов, поранешен новинар и советник на шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, на 22 години затвор, јави дописникот на РИА Новости од судницата.

„[Судот одлучи] да го осуди Сафронов на казна од 22 години за одлежување во затвор со висока безбедност“, ја објави одлуката судскиот совет. Покрај тоа, тој беше осуден на две години ограничување на слободата по неговото ослободување и парична казна од 500.000 рубли.

Одбраната има рок од 10 дена да се жали на оваа одлука, таа сѐ уште не е стапена во сила, наведува РИА

Сафронов беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ) во јули 2020 година, откако беше обвинет дека собирал државни доверливи податоци за воените и техничките случувања на Русија, како и за одбраната и безбедноста, и ги предавал на НАТО.

Според обвинителството, тој им предавал тајни информации на специјалните служби на Германија и Чешка. Публикацијата „Проект“, која ги проучувала материјалите на случајот, дознала дека речиси сите „тајни информации“ можат да се најдат на интернет. Пред да биде изнесен Сафронов од судницата, тој на луѓето кои дојдоа да го поддржат им порача: „Ве сакам“. Насобраните во судницата му аплаудираа и скандираа „Слобода!“.

Како новинар, Сафронов беше специјализиран за известување за воени и вселенски теми за весниците „Ведомости“ и „Комерсант“ пред да продолжи да работи како советник на поранешниот шеф на Роскосмос, Дмитриј Рогозин.

Деталите за случајот не беа официјално објавени, бидејќи случајот се водел зад затворени врати поради сериозноста на обвиненијата. Адвокатите на Сафронов рекоа дека минатата недела обвинителот му понудил на новинарот да се изјасни за виновен во замена за намалена казна од 12 години, што тој го одбил.

Неколку преостанати независни медиуми во Русија, вклучувајќи ги „Медуза“, „Нова газета“, ТВ Дожд и други, во понеделникот објавија изјава за поддршка на Иван Сафронов, барајќи ослободување на новинарот и повикувајќи на истрага за наводните правни прекршувања во случајот.

„Јасно ни е дека причината за прогонот на Иван не е ‘предавство’, што не е потврдено со ништо, туку неговата новинарска работа и материјали што ги објави без да се земе предвид мислењето на Министерството за одбрана и руските власти“, се вели во изјавата.