Русија: Поради уринирање по портрет на воен ветеран студент осуден на 4 години затвор


Судот во Москва го осуди студентот Матвеј Јуферов на четири години затвор откако е снимен како уринира на споменик на кој имало портрет на руски ветеран од Втората светска војна. Подоцна видеото го објавил на својот Инстаграм налог.

Јуферов, кој студира на Рускиот државен универзитет за хуманистички науки, прогласен е за виновен за „рехабилитација на нацизмот“ и сега ќе биде во затовр до крајот на 2025 година. Исто така, забрането му е објавување на материјали на интернет во следните пет години.

Според наводите на обвинителството, Јуферов ноќта на 25 ноември во московскиот округ Исмајлово побарал од пријател да го сними како мокри на сликата на Анатолиј Фролов и ја поставил на интенет.

Набрзо откако видеото било објавено, Јуферов го тргнал од интернет и снимил извинување, но наскоро бил приведен. Освен што се каел, студентот тврдел дека бил пијан и рекол дека нема нацистички или екстремистички уверувања.

Законот за рехабилитација на нацизмот е заострен порано оваа година, набрзо откако му беше судено на рускиот опозиционер Алексеј Навални за клевета на ветеранот од Втората светска војна Игнат Артеменк. Новиот закон значи дека понижување на достоинството или честа на борците може да биде казнето со до пет години затвор.