Русија: Полицијата застрела тинејџер по обид за тероризам


Руската полиција застрела 16-годишно момче во Татарстан, каде живее главно муслиманско население, откако со нож нападнало полицаец и се обидело да ја запали локалната полициска станица.

Истражниот комитет на Русија соопшти дека инцидентот ќе го третира како обид за тероризам.

Тинејџерот се обидел да ја запали полициската станица во градот Кукмор со помош на молотов коктел, а пред апсењето избодел полициски службеник трипати.

Друг полицаец истрелал неколку куршуми во воздух како предупредување, по што бил принуден да отвори оган врз момчето. Од здобиените повреди напаѓачот починал пред да пристигне медицинската помош.

Засега не е познат мотивот за нападот, а надлежните органи покренале кривична постапка.