Русија почна евакуација на жителите од окупираните региони Запорожје и Херсон
Русија почнува да ги евакуира жителите од областите кои ги држи под окупација – Херсон и запорожје. Државната новинска агенција Тасс објави дека планот за евакуација на цивили од близина на линијата на фронтот во окупираната Запорожје вклучува преместување на 70.000 цивили.
Таа го цитира Андриј Козенко, поставен од Русија министер за економија на окупираната украинска територија, кој вели:
„Генерално, се очекува да се преселат вкупно околу 70.000 луѓе. Сè уште велиме дека има приоритетни категории – тоа се деца, семејства со деца. До денес, преместувањето веќе започна во областа Полохивски, тие се преселуваат во градот Бердјанск. Оваа бројка е веќе околу 500. Има собирни пунктови“.
Тасс наведува дека „движењето на жителите од населбите гранатирани од украинската војска во регионот Запорожје е доброволно“, соопштија властите во регионот.
Украина постојано ја обвинува Русија за насилна депортација на деца, тврдење кое Русија го негираше.
Гувернерот на украинската област Запорожје, назначен од Русија, Евгениј Балицки изјави дека наредил евакуација на селата во близина на линијата на фронтот со тамошните украински сили, велејќи дека украинското гранатирање се засилило во последните денови.
Се верува дека очекуваната украинска пролетна контраофанзива ќе го покрие регионот Запорожје, од кој околу 80 отсто го држат руските сили.
Минибуси автобуси и десетици автомобили го напуштија Херсон во петокот додека јужниот украински град се подготвуваше да започне 58-часовен полициски час по серијата руски напади пред очекуваната украинска контраофанзива.
Самиот град Херсон, кој Украина го врати од руските трупи минатиот ноември по осум месеци руска окупација, редовно е бомбардиран преку реката Днепар, која силите на Москва делумно ја контролираат.
Висок украински функционер во петокот изјави дека Русија испраќа платеници на „Вагнер“ од другите делови на линијата на фронтот да се борат во Бахмут во источна Украина и дека Москва сака да го заземе градот пред прославата на Денот на победата на 9 мај.