Русија побара објаснување од САД и Турција за наводната продажба на американско оружје на Украина
Русија побара од Вашингтон и Анкара да објаснат дали постојат планови за префрлање на „значителен арсенал“ американско оружје и муниција од Турција во Украина, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека евентуалниот таков трансфер би предизвикал „сериозна штета на нашите билатерални односи со Вашингтон и Турција“.
Претходно овој месец украинскиот воен и информативен портал „Милитарни“ објави дека Украина ќе купи од Турција американско артилериско оружје, меѓу кое 70 ракети АТАКМС и 12 ракетни системи за повеќекратно истрелување М270. Во пакетот се вклучени и повеќе од 2.500 артилериски ракети од 227 милиметри со касетни боеви глави, како и 47.000 артилериски гранати од 203 милиметри со касетни боеви глави.
„Милитарни“ се повикува на официјално известување од американскиот Стејт департмент до Конгресот во врска со планираната препродажба.
Според известувањето, американската администрација ја поддржува зделката, чија вредност изнесува 283 милиони долари. Таа ќе се смета за одобрена доколку Сенатот или Претставничкиот дом не поднесат приговор во рок од 30 дена.
Во текот на оваа недела и организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ се спротивстави на продажбата на касетна муниција на Украина, потсетувајќи дека нејзината употреба е забранета во 112 држави.
Организацијата, исто така, оцени дека станува збор за застарена, неточна и несигурна муниција, која може да предизвика непредвидливи последици за цивилното население.