Русија побара итна седница на Советот за безбедност поради паѓањето на авионот


 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија побарала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради паѓањето на авионот во регионот на Белгород.

„Побаравме итен состанок на Советот за безбедност во 15 часот по њујоршко време и се надеваме дека француското претседателство совесно ќе ги исполни своите обврски и ќе го закаже што е можно поскоро“, рече Лавров на прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк.

Лавров изјави дека во авионот имало украински воени заробеници кои биле префрлени во Белгородската област, каде што денеска требало да се изврши размената на заробените војници, за која претходно се договориле Москва и Киев.

„Наместо размена, украинската армија го нападна авионот од областа Харков со противвоздушни ракети и тоа имаше фатален исход“, рече Лавров.

Украинската воена разузнавачка служба претходно денеска соопшти дека немаат веродостојни и сеопфатни информации за тоа кој точно се наоѓал во авионот и колку патници имало и оти руската страна морала да ја гарантира безбедноста на украинските војници.

„Во исто време, украинската страна не беше информирана за потребата од обезбедување на воздушниот простор во областа на градот Белгород одреден временски период, како што тоа се правеше неколку пати во минатото. Украина не беше информирана за бројот на возила, маршрутите и начините на испорака на затворениците. Познато е дека затворениците се носат со воздушен, железнички и патен транспорт. Ова може да укаже на намерни дејствија на Русија насочени кон создавање закана за животот и безбедноста на затворениците“, наведе службата.

Слетувањето на транспортен авион во воена зона од 30 километри не може да биде безбедно и за тоа во секој случај мора да разговараат двете страни, бидејќи во спротивно го доведува во опасност целиот процес на размена, нагласи украинската воена разузнавачка служба.