Русија планира да ги прекине односите со „непријателските земји“ доколку бидат конфискувани 300 милијарди долари
Руските власти ја разгледуваат можноста за прекин на дипломатските односи со „непријателските“ земји како одговор на конфискацијата на резерви од 300 милијарди долари, што се подготвува на Запад. Ова го објави Ројтерс, повикувајќи се на извори запознаени со позицијата на владата и Централната банка.
Друг одговор, според еден од соговорниците на агенцијата, може да биде конфискација на западните средства заглавени во Русија.
Во неформалните разговори руските власти признаваат дека резервите практично се изгубени. „Во нивните срца, сите веќе се збогуваа со резервите“, изјави еден од изворите за Ројтерс. Според двајца други, Москва верува дека европските земји ќе подлегнат на американскиот притисок и дека руските власти веројатно нема да можат да спречат конфискација. И покрај ова, Русија во секој случај ќе поднесе тужба, изјави извор за Ројтерс: „Тоа ќе биде задолжително. Тоа е како ритуал. Нема да се повлечеме, ќе се бориме“.
Руското Министерство за надворешни работи ги нарече плановите за конфискација на резервните средства на Русија за да се помогне во обновата на Украина „пиратерија на 21 век“, предупредувајќи дека Москва ќе возврати остро. Европа ќе се соочи со неизбежни правни последици, велат претставници на Кремљ.
И Македонија е дел од групата на „непријателски земји“ прогласена од Кремљ уште во март 2022 година. Не е познато дали во македонија има какви било руски средства.