Русија пак ќе го нападне Киев во февруари или март, вели шефот на украинската армија

Според Валериј Залужни, Русите „некаде подалеку од Урал, подготвуваат нови ресурси“


Киев по еден од нападите во октомври

 

Шефот на вооружените сили на Украина верува дека Русија ќе има нов обид да го заземе главниот град Киев, откако нејзиниот претходен напад беше одбиен на почетокот од инвазијата.

Во интервју за „Економист“, генералот Валериј Залужни, рече дека се обидува да се подготви за руските сили ако повторно се обидат да го заземат градот, веројатно во февруари или март.

Во одговорот на прашањето што мисли за руската мобилизација од 300.000 резервисти и поранешни војници, тој рече дека тоа функционирало. „Можеби не се толку добро опремени, но сепак претставуваат проблем за нас. Проценуваме дека тие имаат резерва од 1,2 до 1,5 милиони луѓе… Русите подготвуваат околу 200.000 нови војници. Не се сомневам дека ќе имаат уште еден напад на Киев“.

Залужни рече дека генералите разработиле стратегија колку тенкови, артилерија и војници им се потребни за да одбијат уште еднаофанзива на руските трупи. Тој рече дека руските команданти ги повлекле војниците надвор од дострелот на повеќекратните ракетни системи ХИМАРС произведени од САД, и дека Украина нема ништо со поголем дострел.

Залужни (49) направи споредба со Втората светска војна и рече „некаде подалеку од Урал, тие подготвуваат нови ресурси“.

„Според моите пресметки, мора да поминаа три и пол или четири години кога интензивно градеа [ресурси]: луѓе, опрема, муниција. Мислам дека имаа тримесечни ресурси за да ги постигнат своите цели. Фактот дека тие ги исцрпиле овие ресурси и го потрошиле својот потенцијал без практично да постигнат никаков резултат, покажува дека нивната позиција е погрешно избрана. Сега треба повторно да размислат како да излезат од оваа ситуација.

Значи, најверојатно тие бараат начини да престанат [борбите] и да добијат пауза на кој било начин: гранатирање цивили, оставајќи ги нашите сопруги и деца да се замрзнат до смрт. Тоа им е потребно за една едноставна цел: им треба време да соберат ресурси и да создадат нов потенцијал за да можат да продолжат да ги исполнуваат своите цели“, вели Залужни.

Тој уште додава: „Според мое лично мислење, не сум експерт за енергија, но ми се чини дека сме на работ. Балансираме на тенка линија. И ако [електричната мрежа] е уништена … тогаш жените и децата на војниците почнуваат да смрзнуваат. И такво сценарио е можно. Во какво расположение ќе бидат борците, можете да замислите? Без вода, светлина и топлина, дали можеме да зборуваме за подготовка на резерви за да продолжиме да се бориме?“