Русија објави видео: „Ова се морнари од потонатата ‘Москва’“


Шефот на руската морнарица, адмирал Николај Евменов, се сретна со членовите на екипажот на потонатиот ракетен крстосувач „Москва“ и рече дека ќе продолжи да служи во морнарицата, пренесе агенцијата Тасс.

Руското Министерство за одбрана објави снимка од средбата на војниците со адмиралот. Русија не објави колку војници ја преживеале експлозијата на бродот.

Украина тврди дека ја погодила „Москва“ со противбродски ракети „Нептун“ и со тоа предизвикала потонување на командниот брод на руската Црноморска флота. Русија продолжува да инсистира дека имало експлозија на муниција на бродот предизвикана од пожарот.

Соединетите Држави ја поддржаа украинската верзија на приказната. Висок претставник на американското Министерство за одбрана изјави дека веруваат дека две украински ракети „Нептун“ погодиле руски воен брод во Црното Море, пренесува Индекс.хр.

Каков моќен руски воен брод е ова?

„Москва“ беше долга 611 стапки (186 метри) со речиси 500 членови на екипажот и беше гордост на руската морнарица во Црното Море. Првично воведен во советската морнарица како „Слава“ на 1980-тите, бродот беше преименуван во „Москва“ во 1995 година и, по реновирањето, повторно стапи во служба во 1998 година, според воената веб-страница Naval-Technology.com.

„Москва“ беше вооружена со низа противбродски и противвоздушни ракети, како и со торпеда и поморски топови и системи за противракетна одбрана.

„Москва“, исто така, има симболично значење за Украина, бидејќи беше еден од бродовите кои учествуваа во познатиот разговор на Змискиот остров во февруари, рече Олексеј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Руски воен броду, е.и се“

Според наводниот разговор кон крајот на февруари, додека Русите се приближувале до украинскиот гарнизон на Змискиот остров во Црното Море, руски офицер рекол: „Ова е руски воен брод. Ви предлагам да го оставите оружјето и да се предадете за да избегнете крвопролевање и непотребни жртви. Во спротивно ќе бидете бомбардирани“.

Украинскиот војник одговорил: „Руски воени броду, е.и се“.

Москва е вториот голем брод на руската морнарица што потона за време на војната во Украина. Кон крајот на март, Украина објави дека со ракетен напад е уништено руски десантен брод во пристаништето Бердјанск.