Русија ни понудила вакцина, никој не ја контактирал


Медицинска сестра ја подготвува руската вакцина за инјектирање кај доброволец (Фото: АФП)

Повеќе од 50 држави од светот испратија барање за набавка на над 1,2 милијарди дози од вакцината Спутник V, истакна денеска економскиот советник во Амбасадата на Руската федерација во Македонија, Владимир Хрисанфов.

Вели дека меѓу тие земји е и Аргентина каде вчера пристигна голема количина дози. Хрисанфов појаснува дека вакцината Спутник V која е наменета за странските пазари ќе се произведува кај меѓународните партнери на рускиот Фонд за директни инвестиции.

Вели дека македонските власти не одговориле на понудата на Русија за преговори за набавка на вакцината.

-Уште на почетокот на есента и понудивме на македонската Влада да се воспостави контакт со рускиот Фонд за директни инвестиции и да се преговара за можноста за набавка на руската вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче нѐ информираше дека лицето за контакт за ова прашање ќе биде професорката Александа Грозданова, шеф на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство. На професорката Грозданова ѝ беа дадени сите потребни податоци за контакт. Исто така и беше испратено писмо од претставникот од рускиот Фонд за директни инвестиции кое за жал остана без одговор. Што се однесува до времето на испорака, ова директно ќе зависи од тоа кога ќе биде доставено барањето и резултати од преговорите во овој контекст, рече Хрисанфов, додавајќи дека редицата за добивање на руската вакцина е доста долга.

За начинот на чување на руската вакцина советникот вели дека таа може да биде две форми – замрзната, која се чува на -18 степени и лиофилизирана, која се чува на 2 до 8 степени.