Русија негира дека нејзини војници убиле стотици цивили во Буча


Руското Министерство за одбрана ги отфрли тврдењата на Украина дека стотици цивили биле убиени од руските војници во Буча.Бројните фотографии и видеа објавени од Украина ги нарече провокација, тврдејќи дека сите нејзини единици го напуштиле градот во средата.

 

Претходно денеска, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства. Со коментар излезе и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг кој рече дека смртта на цивилите во Буча е „бруталност каква што не сме виделе во Европа со децении“.

Во одвоено интервју за Си-Ен-Ен, американскиот државен секретар Антони Блинкен ја нарече глетката на цивилни тела расфрлани по улиците на Буча како „удар во стомакот“.

„Не можете, а да не ги доживеете овие слики како удар во стомакот. Тоа е она што секојдневно се случува во Украина додека продолжува руската бруталност“, рече Блинкен.

Украинската војска вчера ја ослободи Буча, откако руската армија се повлече кон Белорусија. Новинарите и војската затекнале лешеви по улиците, од кои дел биле со заврзани раце зад грб. Властите соопштија дека во масовна гробница во Буча биле закопани 57 луѓе.