Русија ќе се отвора и покрај рекордниот скок на инфицирани


Телевизиското обраќање на Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави крај на шестнеделното затворање на земјата и покрај рекордниот скок во случаи на корона вирус, во исто време кога многу европски земји ги олеснија своите ограничувања со отворање на некои продавници и училишта.

Во телевизиско обраќање, претседателот на Русија рече дека неговите граѓани можат да се вратат на работа од вторник. Но, тој јасно стави до знаење дека враќањето е „условно“ и ќе треба да одлучат одделните региони колку брзо да се укинат ограничувањата. Тоа би бил претпазлив излез „чекор-по-чекор“, рече тој, додавајќи: „Пред нас имаме долг и тежок процес“.

Одлуката на Путин за рестартирање на националната економија дојде и покрај растот на нови случаи. Во понеделникот Русија ја престигна Италија во бројот на потврдени инфекции достигнувајќи 221.344. Во претходните 24 часа имало 11.656 нови инфекции. Бројката на починатите изнесува 2.009.