Русија ќе помагала бидејќи имала добри односи со сите страни во конфликтот, додека САД „се мешале“


Русија отсекогаш ја истакнувала својата посветеност за обезбедување на сигурност на Израел, на земјата и треба мир, но и на Палестинците им е потребен мир, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Во своите меѓународни говори за Блискиот Исток, претседателот Владимир Путин секогаш ја истакнуваше нашата посебна посветеност за обезбедување сигурност на Израел. Ги гледаме геополитичките услови во кои се развива оваа земја. Ние разбираме дека ѝ треба мир. Но и на нејзините соседи им треба мир. Ова се однесува на Сирија, Либан и Палестинците, рече Лавров по вчерашниот состанок во формат „3+3“ за Јужен Кавказ во Техеран.

Тој додаде дека Русија е подготвена да помогне во решавањето на палестинско-израелскиот конфликт и оти Москва има нормални односи со сите страни во конфликтот. Од друга страна, како што рече, САД се меѓу лидерите на земјите кои се мешаат во палестинско-израелскиот конфликт.

– Во однос на прогнозата на (државен секретар на САД) Ентони Блинкен во врска со интервенција на трети сили во конфликтот, Америка веќе е меѓу лидерите на оние кои веќе интервенираат. Тоа вклучува испраќање на две групи носачи на авиони во зоната на конфликтот, неколку илјади борбени војници, како што јас разбирам, со сето потребно оружје, вклучително и тешко оружје. Колку повеќе такви проактивни чекори презема една држава, толку е поголем ризикот, толку е поголема опасноста конфликтот да ескалира, истакна Лавров.