Русија ќе им забрани на странците да користат Русинки како сурогат мајки


Русија наскоро ќе усвои закон со кој на странците ќе им се забрани да користат Русинки за сурогат мајчинство, потврди Вјачеслав Володин, претседател на Долниот дом на Парламентот.

Платеното сурогат мајчинство е легално во Русија, но оваа практика е критикувана од религиозните групи како комерцијализација на раѓањето деца.

„Мора да се направи сè за да се заштитат децата со забрана на странците да ја користат услугата за сурогат мајчинство. Таква одлука ќе донесеме на почетокот на декември“, изјави Володин во видео објавено на Телеграм.

Според него, околу 45.000 бебиња родени од сурогат мајки биле однесени во странство во изминатите неколку години, велејќи дека „шверцот со деца е неприфатлив“, пренесе Reuters.

Руските пратеници го усвоија законот речиси едногласно во првото читање во мај. Доколку биде усвоен во последното, трето читање, ќе го разгледа Горниот дом на Парламентот, а потоа ќе биде потпишан од претседателот Владимир Путин.