Русија ќе го населува Арктикот

Волонтери носат заштитна опрема во болниците

Кремљ планира да го развива својот краен северен дел, богат со ресурси, и на Русите ќе им дава бесплатно земјиште на Арктикот за да изградат свои домови и да започнат бизниси, според предлог законот кој го подготвува руската Влада.

Рускиот претседател Владимир Путин го одреди за приоритет рускиот дел на Арктикот и ќе ја обновува тамошната инфраструктура, ќе го зајакнува военото присуство и ќе се обиде северниот морски пат да го направи важна поморска рута.

Предлог законот кој го подготви руското Министерство за национални ресурси предвидува програма, според која жителите на рускиот Арктик би можеле бесплатно да добијат по еден хектар земјиште и таму да изградат свој дом или да го користат за бизнис. По шест месеци таа програма би била отворена за сите Руси. Пред да стане закон, предлогот претходно ќе треба да биде одобрен од Парламентот и потпишан од Путин.

Според предлогот, секој од арктичките региони би определил земјишта, кои ќе бидат достапни за програмата. Тие земјишта ќе бидат дадени на пет години, по што нивните корисници ќе треба да се регистрираат како сопственици или да ги добијат на долгорочен закуп.

Околу 90 проценти од луѓето на рускиот Арктик живеат во големите градови, како што се Мурманск, Норилск и Архангелск.

Москва го зајакна своето присуство во таа областа за време на советската ера, но тамошната индустрија започна да ослабнува по распадот на СССР во 1991 година, што доведе и до намалување на бројот на населението.