Русија ќе биде исфрлена од SWIFT системот во наредните денови


 Одлуката за исфрлање на Русија од глобалниот платен систем SWIFT ќе биде донесена во следните неколку дена, изјави за западни медиуми еден од гувернерите на централна банка во ЕУ.

„SWIFT е само прашање на време, тоа ќе се случи наскоро, во наредните денови“, рече еден од 27-те гувернери од земјите-членки на Европската централна банка, кој сакаше да остане анонимен. Тој додаде дека таквата одлука е апсолутно неопходна.

 Санкциите воведени против Русија нема да сменат ништо, операцијата да се заштити Донбас ќе биде спроведена во целина, реагираше заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитри Медведев.

„Овие санкции дефинитивно нема да сменат ништо. Тоа им е јасно дури и на неупатените во Стејт департментот. Ова се однесува на одлуката да се спроведе воената операција за заштита на Донбас“, рече Медведев.

Тој нагласи дека „операцијата ќе биде целосно спроведена се додека не се исполнат целите што ги определи рускиот претседател“.

Медведев исто така рече дека Русија ќе одговори на заплената на парични средства на руските граѓани и компаниите во странство, на начин што ќе бидат запленети парите на странците и странските компании во Русија.