Русија ја затвори агенцијата која помага за иселување на Евреите
Во јуни 2022 година, Министерството за правда на Руската Федерација испрати писмо со список на побарувања и прекршувања до руската канцеларија на агенцијата „Сохнут“, која помага во репатријацијата во руски Евреи во Израел, пренесува руската редакција на Би-Би-Си. Со тоа, се затвора оваа агенција која е еден од клучните посредници за иселувањето во Израел.
Соговорник на Би-Би-Си запознаен со содржината на писмото од 20 страници рече дека Министерството за правда има две тврдења: лошо постапување со личните податоци на Русите – нивно собирање и испраќање во странство, како и „одлив на мозоци“.
Втората точка е многу важна затоа што со агенцијата „им помагаме на луѓето да ја напуштат земјата, што е штетно за економијата и перспективите на Руската Федерација“, изјавил еден од изворите на руската редакција на Би-Би-Си.
Според „Сохнут“, во 2021 година, репатријацијата во Израел се зголемила за 30%, а Русија станала лидер во однос на бројот на репатријати – 27% од вкупниот број. Во текот на изминатата година, 7.500 луѓе дојдоа од Русија во Израел – 10% повеќе од една година порано. По почетокот на војната во Украина, руските жители почнаа почесто да аплицираат за репатријација: лидерот на партијата Израел Наш дом, Авигдор Либерман, рече дека редот за поднесување документи во Москва се состои од 9.500 луѓе.