Русија ја прогласи и Унгарија, последниот сојузник во ЕУ, за „непријателска земја“


 

Руските власти ја признаа загубата на последниот „сојузник“ во Европската унија, кој од време на време ги забавува или блокира санкциите поради инвазијата на Украина.

Унгарија, која продолжува да купува руски гас и добива руска нафта преку гасоводот „Дружба“, е вклучена во листата на „непријателски земји“, изјави рускиот амбасадор во Будимпешта, Евгениј Станиславов.

„Унгарија ги потпиша сите антируски пакети санкции на Брисел и е принудена строго да ги почитува. Затоа е класифицирана како земја непријателска кон Русија, против која може да се применат нашите одмазднички мерки“, рече Станиславов во интервју за РИА Новости.

Според него, руско-унгарската соработка сѐ повеќе е под притисок на санкции, вклучително и во сферата на економијата, политиката и културата.

„Но, ние остануваме оптимисти, па дури и на оваа позадина продолжуваме да ги одржуваме отворени каналите на дијалог“, нагласи Станиславов.

Унгарија, која е 80 отсто зависна од рускиот гас, Унгарија во јануари побара исклучување на деветмина Руси од списокот со санкции, меѓу кои и милијардерите Алишер Усманов, Петр Авен и Виктор Рашников, а во февруари ја блокираше заедничката изјава на земјите од ЕУ за налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд.

Во март, пак, премиерот Виктор Орбан рече дека Унгарија најверојатно ќе мора да ги преиспита односите со Русија поради „геополитичката реалност“.

„Ја разбирам потребата да се обноват руско-европските односи по војната, но тоа е далеку од реалноста. Затоа Унгарија треба внимателно да размисли какви односи можеме да воспоставиме и одржуваме со Русија на полето на надворешната политика и економијата во следните 10-15 години“, рече Орбан.