Русија ја обвини Британија дека ги нападнала гасоводите „Северен тек“


Портапролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков

 

Британската морнарица била вклучена во организацијата на експлозии на гасоводите „Северен тек“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Тој појасни дека британската војска била во градот Очаков, регионот на Миколаев во Украина, и оттаму ги спроведувала своите активности. „Според достапните информации, претставници на оваа единица на британската морнарица учествувале во планирањето, обезбедувањето и спроведувањето на терористичкиот акт во Балтичкото Море на 26 септември за оштетување на гасоводите ‘Северен тек 1’ и ‘Северен тек 2’“, рече Конашенков. Според него, истата воена единица го надгледувала и нападот на Севастопол со дронови на 29 октомври.

Руското Министерство за надворешни работи објави дека имаат намера да го покренат прашањето за „серија терористички напади“ во Советот за безбедност на ОН.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство ги отфрли сите наводи, нарекувајќи ги „фикција“. „Руското Министерство за одбрана прибегнува кон ширење лаги од епски размери. Оваа измислена приказна кажува повеќе за споровите што се случуваат во руската влада отколку за Западот“, велат од министерството. Тие сметаат дека Русија ги предизвикала експлозиите за да го „одвлече вниманието од катастрофалната ситуација со илегалната инвазија на Украина“.