Русија ја ликвидираше партијата на убиениот Борис Немцов


 

Врховниот суд на Русија ја ликвидираше либералната политичката партија Парнас.

Како основа за ликвидација судот го наведе отсуството на регионални ограноци во најмалку половина од регионите на Русија. Како што истакнаа од Министерството за правда, од новата година бројот на партиски ограноци е намален од 47 на 40.

Претставниците на Парнас инсистираа дека партијата сè уште има 44 ограноци, што е доволно без да се земат предвид четирите украински региони, чија анексија Русија ја објави во септември 2022 година. Претставниците на партијата изјавија дека припоените региони во овој случај не треба да се разгледуваат, бидејќи таму сè уште нема полноправни извршни органи.

Партијата Парнас е основана во 1990 година како Републиканска партија на Русија, а своето сегашно име го доби откако се спои со коалицијата на „несистемската“ опозиција „За Русија без самоволие и корупција“ во 2012 година.

Најпознати членови на Парнас беа убиениот Борис Немцов, Владимир Ришков, сега затворениот Илја Јашин, поранешниот премиер Михаил Касјанов, Владимир Милов.