Русија издаде потерница за новинарот Христо Грозев од „Белингкет“
Руското министерство за внатрешни работи објави дека го бара истражувачкиот новинар Христо Грозев, објавија руските и украинските медиуми во понеделникот.
Грозев, кој е бугарски државјанин, работи за независната истражувачка новинарска мрежа „Белингкет“. Руските власти не ја прецизираа природата на делата за кои се бара, само наведоа дека тие се содржани во кривичниот законик.
Некои руски медиуми, повикувајќи се на свои извори, посочуваат дека против Грозев е покрената постапка за објавување лажни информации за руската армија.
Според законот донесен по почетокот на војната во Украина, објавувањето медиумски содржини за армијата од други извори освен официјални институции се гони со закон со казни кои се движат од парични до затворски казни.
Самиот Грозев на Твитер напиша дека не може да коментира, бидејќи не знае кои се обвиненијата против него од Москва.
„Немам поим по која основа Кремљ ме стави на нивната ‘листа на барани’, па не можам да коментирам во овој момент. На некој начин, не е важно – тие со години јасно кажуваат дека се плашат од нашата работа и не застануваат пред ништо да ја отстранат“, напиша Грозев.
Мрежата „Белингкет“ е прогласена за странски агент во Русија од октомври 2021 година, а во јули руското државно обвинителство ги прогласи нејзините активности за непожелни во Русија.
Во 2020 година, Христо Грозев, заедно со тимот на Алексеј Навални, го истражуваа труењето на рускиот опозициски лидер и ги идентификуваат имињата на офицерите на ФСБ вклучени во злосторството. „Белингкет“ го истражуваше и падот на малезискиот патнички авион MH17 над Украина во 2014 година.