Русија им се закани на Шведска и Финска со воена одмазда ако влезат во НАТО


Руската амбасада во Стокхолм им се закани на Шведска и Финска со воена одмазда доколку двете земји се приклучат на НАТО алијансата, укажувајќи на зголемениот број Швеѓани кои изразуваат солидарност со Русија и ги избегнуваат „трансатлантските амбиции“ на Стокхолм. Објавата се појави на Фејсбук профилот на амбасадата.

„Ако некој сè уште верува дека тоа некако ќе ја подобри безбедноста на Европа, можете да бидете сигурни дека новите членки на непријателскиот блок ќе станат легитимна цел на руските одмазднички мерки, вклучително и воените“, се вели во објавата.

Руската амбасада ја обвини Шведска дека постепено станува американска колонија и ја критикуваше поддршката на земјата за Украина.

„Шведска постепено, чекор по чекор, се лишува од својот надворешнополитички суверенитет и е  подготвена за послушна трансформација во американска колонија“, се додава во објавата, со оценка потоа дека  „ игнорирајќи ги сопствените одбранбени потреби, Шведска брзо ги зголемува испораките на тешка офанзивна опрема , од која некоја е одземена од нејзиниот активен воен сервис“.

„Шведските доброволци им се приклучуваат на украинските воени сили и, по некоја извонредна случајност, се дел од постојаниот службен персонал на одбранбените сили“, се додава.

Руската амбасада, исто така, тврди дека добива сè поголем број писма од Швеѓаните кои ја поддржуваат Русија, иако одбива да ги објави.

„Амбасадата добива се повеќе писма од обичните Швеѓани во кои се осудуваат трансатлантските амбиции на Стокхолм и се изразува нивната солидарност со Русија. Веќе објаснивме зошто не ги објавуваме“, се вели во соопштението.

Рускиот амбасадор во Шведска, Виктор Татаринцев, е повикан во Министерството за надворешни работи, соопшти министерот за надворешни работи Тобијас Билстром.

„Важно е Шведска да може да протестира против она што е очигледен обид за влијание, а најсоодветниот начин да се направи тоа во рамките на дипломатијата е да се повика амбасадорот и да се разговара за тоа“, рече тој, додавајќи дека безбедносната политика на Шведска е определена од Шведска и никој друг. (Еурактив)