Русија и САД ќе се скараат за минералите во Украина


 

Висок руски функционер остро го критикуваше предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп дека може да и даде воена помош на Украина во замена за пристап до нејзините вредни минерали.

„Ако ги нарекуваме работите како што се, ова е предлог да се купи помош – со други зборови, да не се дава безусловно или од некои други причини, туку конкретно да се обезбеди на комерцијална основа“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. 

„Би било подобро, се разбира, помошта воопшто да не биде обезбедена, бидејќи тоа ќе придонесе за крај на овој конфликт“, додаде тој, за војната што ја поттикна Русија.

Трамп во понеделникот објави дека „се обидува да склучи договор со Украина“ во кој САД ќе обезбеди воена помош за војната против рускиот претседател Владимир Путин во замена за украинските „ретки минерали“.

„Инвестираме стотици милијарди долари. Тие имаат големи ретки минерали, а јас сакам безбедност на ретките суровини“, рече тој во Вашингтон, додавајќи дека Украина е „подготвена да го направи тоа“.

Украина има стратешки резерви на титаниум, литиум, графит и ураниум, кои се клучни за нејзината идна економска стабилност и потенцијално дел од пресметката за балансирање на непосредната помош со долгорочниот суверенитет над нејзините ресурси. Некои од критичните минерали се во областите кои во моментов се под окупација од Русија, која води војна против Украина од 2014 година и започна целосна инвазија во 2022 година.

Украина сè уште не го коментираше предлогот на Трамп, но споделувањето ресурси со сојузниците е дел од „победничкиот план“ на претседателот Володимир Зеленски за војната против Русија. Затоа пак порака до Трамп прати една Украинка:

„Здраво вистински Доналд Трамп, поседувам земјиште источно од Авдиивка што содржи ретки метали. Ве молиме испратете војници за извлекување. Многу добри метали, многу ретки. Верувај ми, јас сум хемичар“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го критикуваше предлогот на Трамп, нарекувајќи го „многу егоистичен, многу егоцентричен“, со оценка дека на Украина и требаат нејзините минрелани ресурси за да се обнови по војната.