Русија го врати телото на украинската новинарка Рошчина без внатрешни органи


 Меѓународна истрага откри дека телото на украинската новинарка Викторија Рошчина, која почина во руско заробеништво, е вратено во Украина без неколку внатрешни органи, потенцијално за да се сокрие причината за смртта.

Според заедничката истрага на „Забранети приказни“ и 13 меѓународни медиуми, телото на Рошчина било префрлено во Украина на 14 февруари 2025 година, како дел од операцијата за репатријација што вклучува враќање на 757 паднати Украинци. Руските документи го означиле телото, наведено како број 757, како „неидентификуван маж“ со референтна белешка: „СПАС“.

Првичните прегледи од страна на украинските форензички експерти утврдија дека телото е од женски пол. ДНК-анализата спроведена од Канцеларијата на генералниот обвинител на Украина потврди 99% совпаѓање со Викторија Рошчина. На телото имало знаци на обдукција извршена во Русија и јасни докази за тортура, вклучувајќи гребнатини, модринки, скршено ребро и сомнителни повреди од електрични шокови.

Истражителите откриле дека недостасуваат неколку органи, вклучувајќи го мозокот, обете очни јаболка и дел од трахеата. Според меѓународен форензички експерт консултиран од новинари, отсуството на овие органи можеби имало за цел да се прикријат доказите за смрт со давење или задушување. Модринка на вратот на Рошчина укажуваше на потенцијална фрактура на хиоидната коска – ретка повреда која најчесто се поврзува со рачно давење.

Се верува дека акронимот „SPAS“, кој се наоѓа во руската документација, означува целосно артериско оштетување на срцето, што руските власти можеби го евидентирале како официјална причина за смртта. Поради состојбата и делумната мумификација на телото, форензичките специјалисти досега не беа во можност да утврдат дефинитивна причина за смртта. Во тек се дополнителни форензички испитувања.

Викторија Рошчина исчезна на 3 август 2023 година, додека известуваше од териториите окупирани од Русија. Во мај 2024 година, Русија официјално го потврди нејзиното притворање. Рошчина претходно беше приведена од руските сили во март 2022 година додека известуваше за војната во регионите Запорожје и Донецк, но беше ослободена по 10 дена.

По нејзиното ослободување, Рошчина продолжи да известува за окупираните територии за медиуми, вклучувајќи ги Хромадске радио, Украинска правда и Радио Слободна Европа/Радио Либерти. Во 2022 година, таа беше наградена со наградата за храброст во новинарството на Меѓународната фондација за жени новинарки.

Според претходните изјави од Канцеларијата на генералниот обвинител, истражителите веруваат дека постои голема веројатност Рошчина да била подложена на тортура за време на нејзиното заробеништво. Украинските власти продолжуваат да ја истражуваат нејзината смрт како дел од поширока истрага за воени злосторства извршени против украински затвореници.

Рошчина беше заробена во близина на нуклеарната централа Запорожје.Во оваа фаза од војната, таа беше единствената украинска новинарка подготвена да ризикува да ја премине фронтовската линија за да го пробие затемнувањето на информациите наметнато од Русија.Рошчина почина по една година во притвор, на 27-годишна возраст.

 Рошчина беше притворена без обвинение и без пристап до адвокат. За време на нејзиниот притвор, нејзиниот единствен познат контакт со надворешниот свет бил четириминутен телефонски повик до нејзините родители, цела година откако била киднапирана.

Украина верува дека може да има дури 16.000 нејзини цивили што се држат без обвинение во притвор во Русија. Условите на нивниот притвор претставуваат сомневање за воено злосторство, а се собираат докази за евентуални гонења. Приведените се хуманитарни работници, новинари, сопственици на бизниси, локални политичари, црковни водачи и секој за кого постои сомневање дека се спротивставил на инвазијата. Тие се чуваат во повеќе од 180 објекти на окупираните територии и во самата Русија. 

Информациите за нејзините последни месеци се собрани благодарение на повеќе од 50 интервјуа со преживеани од руско заробеништво, како и со семејствата на некои од оние што сè уште се во заробеништво. Правни извори што работат во Русија и окупираните територии, исто така, споделија информации, како и затворски службеници кои поднесоа оставка од службата вознемирени поради она што го виделе.

Позната во нејзиното семејство како Вика, Рошчина пораснала во сенката на војната. Нејзиниот татко бил ветеран од советската војна во Авганистан, а таа имала 17 години кога Русија го анектираше Крим. Таа и нејзината сестра пораснале во истиот град како и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Кривој Рог, каде што сè уште живеат нејзините родители, на  30 милји од руското напредување во јужна Украина во 2022 година. Колегите рекоа дека била опседната со работа и бескомпромисна.

„Таа немаше живот надвор од работата, немаше пријатели, немаше партнер. Но, исто така работеше извонредна работа. За неа тоа беше мисија“, рече Севхил Мусаиева, главен уредник на „Украинска правда“. „Таа беше една од најхрабрите новинарки што ги запознав во мојата кариера.“

За да ги заштити своите извори, Рошчина користела повеќе телефони. Таа ги наместуваше своите пораки да исчезнуваат, а нејзините статии беа напишани во датотеки кои исто така се бришеа сами. Самата Рошчина исчезнуваше со недели, повторно појавувајќи се за да ги поднесе своите извештаи.

Во март 2022 година, додека известуваше од окупираниот град Бердјанск, таа за прв пат се соочи со опасност. Заробена од војник и предадена на агенти на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), таа била принудена да сними пропагандно видео и пуштена неколку дена подоцна, по јавен протест. По враќањето дома, колегите ја советувале да се одмори и да побара терапија. Нејзината состојба на умот беше кревка и беше многу слаба, се присетија тие.

Но, Рошчина продолжи да ја преминува фронтовската линија. Таа го разоткри заплашувањето на работниците што ја одржуваа нуклеарната централа Запорожје во функција и го истражуваше пукањето на двајца 16-годишни момчиња кои се осмелиле да се спротивстават на окупацијата.

Мусајева рече дека на последното патување Рошчина барала  подруми или индустриски згради каде што руските безбедносни оперативци систематски користеле тортура за да ги испрашуваат цивилите или да ги принудуваат на лажни признанија. Таа составуваше список на одговорни агенти на ФСБ.

Фотографија од нејзиниот пасош и нејзиниот формулар за влез, добиени во рамките на оваа истрага, сугерираат дека таа за последен пат влегла во Русија од Латвија, под свое име, преку граничниот премин Лудонка. На картичката пишува дека таа се упатувала кон градот Мелитопол. Таа патувала 1.600 милји на југ низ Русија, преминувајќи во окупирана Украина неколку дена подоцна.На 3 август, само неколку дена по нејзиното патување, нејзиниот татко, Володимир Рошчин, крена тревога откако сфати дека таа престанала да се пријавува на своите онлајн профили со пораки. Информациите што ги собрал, заедно со исказите на три лица држени со Рошчина во озлогласениот затвор во рускиот крајбрежен град Таганрог, веднаш до руската граница, укажуваат на тоа што се случило потоа.

ка Рошчина изнајмила стан во Енерходар, град со студентски домови веднаш до електраната Запорожје. Таа платила однапред за три ноќи и, оставајќи го ранецот зад себе, излегла да бара тајни локации за тортура, но била забележана од дрон по што била приведена од полиција и однесена во полициска станица, каде била држена неколку дена пред да биде преместена 130 км јужно, во Мелитопол.

„Во Мелитопол има голема концентрација на ФСБ и тие имаат привремени центри за притвор“, рече претставник на европската разузнавачка служба запознаен со ситуацијата на окупираните територии. Во процес познат како филтрација, ФСБ ги тријажира заробениците, во зависност од тоа колку ги смета за вредни. Рошчина веројатно се сметала за посебен случај, со оглед на информациите што ги собирала.

Обвинителот верува дека таа била однесена на тајно мместо во Мелитопол познато како „гаража“, а според сведочењето на затвореничка од нејзината затворска келија, Рошчина подоцна раскажала како била мачена таму. Нејзиното тело било покриено со модринки.

„За време на испрашувањата, користеле електрошокови… Таа била избодена неколку пати – ги видов на раката,а на ногата исто така… Свежа лузна од нож на подлактицата, на мекото ткиво помеѓу зглобот и лактот. Лузна од околу 3 см, прободена низ неа. Рече дека еден човек, го нарече кретен… бил брутален, растроен.“

„На нејзината нога, над петицата – и јас ја видов, рана од 5 см. Таа рече: „Им реков да не ми ја допираат ногата… Ги молев да не ја допираат таа рана.“

Кон крајот на 2023 година, на Рошчина ѝ кажал офицер на ФСБ, кого го именувала како Максим Мороз, дека ќе биде префрлена во друг затвор и  ветил подобар третман. Според сведоците, таа била транспортирана сама, со џип, до Таганрог. Тука била приведена во притворниот центар познат како Сизо 2.

„Таа пристигна веќе полна со непозната дрога“, рече втор притвореник кој ја сретнал Рошчина во Таганрог, чие име не може да се објави од безбедносни причини. „Таа пристигна и практично почна да полудува.“

Условите во Таганрог се меѓу најлошите во многуте притворни центри што се користат за задржување на украински војници и цивили. Украинското разузнавање регистрираше 15 смртни случаи во затворот, врз основа на информации од ослободени војници. Во собите за тортура, војниците и цивилите биле премачкувани со вода, тепани ималтретирани на електрична столица. Кога биле надвор од своите ќелии, биле принудени да заземат стресна положба позната како лебед – свиткани напред со рацете споени зад грбот во ниво на градите. Храната била рационализирана, со четири и пол лажици по чинија, според еден притвореник кој пребројуваше.

За Рошчина, ефектот бил катастрофален. Таа престанала да јаде. „Разговаравме со неа, но таа беше изгубена во главата, со ужаснати очи“, се присети првиот сведок. Рошчина лежела „свиткана како фетус на подот“ зад завеса што го криела тоалетот, подалеку од видното поле на чуварите.Нејзината тежина спаднала на 30 килограми.

„Можеше да стане, но само со моја помош, бидејќи беше во таква состојба што не можеше ниту да ја крене главата од перницата. Јас ја поткревав, а таа се фаќаше за горниот кревет за да се исправи“, рече затвореничката од нејзината келија.

Евгениј Маркевич, војник кој сега е на рехабилитација во Украина по размена на затвореници, рече: „Таа официјално не прогласи штрајк со глад, едноставно почна да одбива храна“.  Тој рече дека ја видел еднаш, но ја слушал повеќето денови додека била држена блиску до него, во ќелијата 115. „На почетокот го објасни тоа со религиозни причини, пост или нешто слично, а потоа почна да вели дека не може да [јаде] од здравствени причини.“

Стапалата и нозете на Рошчина отекле, според сведочењето на другите затвореници. Ѝ биле понудени апчиња за срце, но се чини дека ги одбила. Срцевите проблеми и задржувањето на течности во ткивата на нозете се знаци на гладување. Во јуни, таа била изнесена на носилка. Таа поминала неколку недели во болница во Таганрог каде, според сведоците, ја чувале шест маскирани чувари вооружени со митралези. Нивото на безбедност и напорите што се вложувале за да се одржи во живот, сугерираат дека Москва ја сметала за вреден преговарачки пион. Во јули, наводно, таа била вратена во Таганрог со интравенска инфузија во раката. Се чини дека таа продолжила да одбива храна.

Шефот на затворот ги прашал другите во келијата што сака да јаде, и за неа биле готвени посебни оброци. Сведоците велат дека ѝ биле понудени банани и слатки. Во април 2024 година, нејзиното семејство ја доби првата официјална потврда дека Рошчина е жива, во писмо од руското Министерство за одбрана. Во него само се наведува дека таа „е приведена и моментално се наоѓа на територијата на Руската Федерација“.

Колегите почнаа да повлекуваат конци. До Ватикан беше испратена порака, каде што папата Франциск, кој можеше да комуницира со Русија преку тајни канали, се согласи да побара нејзиното име да биде додадено на списокот за размена на затвореници. На крајот, нејзиниот уредник дознал дека ќе биде ослободена. Кон крајот на август, на Рошчина ѝ беше дозволено да се јавува дома по телефон. Украинските преговарачи им кажале на нејзините родители дека таа штрајкува со глад. Ги држеа мобилните вклучени цел ден, чекајќи нејзин повик. Кога конечно се јави на линија, Рошчина зборуваше на руски. „Ми беше ветено дека ќе бидам дома во септември“, им рекла таа. Нејзиниот татко ја натерал да јаде. Потоа таа се збогувала. „Па, тоа е тоа. Чао, чао. Мамо, тато, ве сакам.“

На 13 септември, искапени во есенско сонце, 49 воени заробеници слегоа од вагон од Русија на украинска почва. Ги пречека забава за добредојде со знамиња и букети од жолти сончогледи завиткани во сина хартија. Затвореничката од келијата на Рошчина била таму, заедно со најмалку двајца други мажи притворени во Таганрог. Но, новинарката ја немаше. Точната причина никогаш не е разјаснета. На 8 септември, Рошчина беше земена од нејзината ќелија, подготвена за долгото патување назад во Украина. Анонимен затвореник од Таганрог бил еден од последните што ја видел жива.

„Ја замоливме девојката од ќелијата да ѝ помогне да се симне долу. Со нејзина помош, таа се симна кога требаше да ја разменат. После тоа, дојде еден службеник за обезбедување и рече дека новинарката никогаш не стигнала до размената. Службеникот додаде: „Нејзина е вината.“ Неколку недели подоцна, заменик-началникот на руската воена полиција му пишал на таткото на Рошчина дека таа починала на 19 септември.

Кога телото на Рошчина конечно беше вратено, тоа беше во толку лоша состојба што визуелната идентификација беше тешка. Сепак, на нејзината нога, испитувачите пронајдоа етикета со рачно напишан натпис „В.В. Рошчина“, а ДНК-тестот се совпаѓаше со оној на нејзините родители.

Нејзиниот татко, во својата тага, одбива да прифати дека ја нема. Тој побара дополнителни испитувања. И  продолжи да пишува писма, вклучително и до Таганрог, барајќи информации. Директорот на „Сизо“, Александар Штода, двапати одговори тврдејќи дека Рошчина никогаш не била таму. Во неговиот последен одговор, во јануари, се наведува дека таа „не е и не била наведена во базите на податоци“.

Во ноември 2022 година, Рошчина опиша што ја мотивирало. Таа доби награда за храброст од Меѓународната фондација за жени медиумски работници, но не сакаше да престане со работа за да присуствува на церемонијата во Лос Анџелес, па затоа испрати порака, поздравувајќи ги своите колешки.

„Останавме верни на нашата мисија, да ја пренесеме вистината на светот, спротивставувајќи се на руската пропаганда“, рече таа. „За жал, многу новинари починаа. Сакам да им ја посветам оваа награда. На крајот на краиштата, тие умираат во борба за вистината, обидувајќи се да ги евидентираат руските злосторства. Им благодарам.“