Русија го сопре дотокот на нафта во Полска


 

Русија го сопре дотокот на нафта во Полска преку нафтоводот „Дружба“, соопшти денеска Даниел Обајтек, извршен директор на полската рафинерија „ПКН Орлен“.

„Ги обезбедуваме залихите. Русија го сопре дотокот во Полска, за што сме подготвени. Од Русија доаѓаат само 10 отсто сурова нафта, а ќе ги замениме со други извори“, напиша Обајтек на Твитер. „ПКН Орлен“ објави дека може во потполност да ги снабди своите рафинерии по морски пат и дека сопирањето на руската нафта нема да влијае на испораката на бензин и дизел.

Комапнијата во февруари, по истекот на договорот со руски „Рисенафт“, нафтата ја добиваше во рамки на договорот со руски „Татенафт“. Цевководот „Дружба“ е изземен од санкциите кои ЕУ ги наметна за Русија поради инвазијата над Украина.

„Дружба“ со нафта ги снабдува Полска, Германија, Унгарија, Чешка и Словачка. Изоставен е од санкциите за да им се помогне на земјите со ограничени алтернативи за добивање нафта.

„Орлен“ по почетокот на инвазијата на Украина и пред европското ембарго на руската нафта која доаѓа по морски пат престана да купува руска нафта и горива.

Во моментот енергентите ги набавува од западна Африка, Средоземјето, Мексиканскиот Залив и од арапските земји. Со саудискиот АРАМКО „Орлен“ има договор од 2022 година.