Русија го прифати, но не го ратификуваше Парискиот климатски договор

Рускиот премиер Дмитриј Медведев денеска даде официјална поддршка на Парискиот договор за климата и нареди руските закони да бидат прилагодени на обврските согласно договорот, се наведува во декретот, објавен на веб-страницата на руската Влада.

Во документот потпишан од Медведев се вели дека Русија официјално го усвојува договорот склучен во Париз 2015 година и дека ќе „додели финансиски средства на земјите во развој за да ги спречи и прилагоди на климатските промени“.

Иако официјално не се наведува „ратификација“, владата во изјавата вели дека указот означува прифаќање на договорот од страна на Русија и прифаќање на обврските од Парискиот договор.

Претставувајќи го указот на состанокот на владата, Медведев рече дека е важно Русија да учествува во процесот на намалување на емисиите на стакленички гасови.

– Заканата од климатските промени лежи во уништување на еколошката рамнотежа, зголемување на ризикот за успешен развој на клучните индустрии и што е најважно, зголемување на бројот на природни непогоди, рече тој.