Русија делумно ја укина забраната за извоз на нафта


Складови за нафта на „Роснефт“ во Туапсе, Русија

Руската влада денеска соопшти дека ја укина забраната за извоз на дизел што се испорачува по цевковод до поморските пристаништа.

Како што е наведено на веб-страницата на Владата на Русија, забраната за овој вид извоз е укината под услов производителот на дизел да испорача најмалку 50 отсто од произведеното гориво на домашниот пазар.

Во соопштението се додава и дека е воведена царина за нафтени деривати од 50.000 рубљи по тон за добавувачите кои не произведуваат нафтени деривати, туку ги купуваат на пазарот и ги препродаваат.

На овој начин руските власти сакаат да го спречат таканаречениот сив извоз на нафтени деривати, кој е легален, но се одвива по неофицијални канали, пренесе Танјуг.

Руската влада воведе други мерки кои треба да им дадат економски поттик на нафтените рафинерии за снабдување на домашниот пазар со гориво, како и за спречување на растот на големопродажните цени на нафтата.

Според руските медиуми, оваа најава доаѓа веднаш откако Русија воведе забрана за извоз на дизел и бензин во повеќето земји.

Ограничувањата на извозот на бензин во моментов остануваат на сила.

Русија е еден од најголемите светски снабдувачи на дизел и главен извозник на сурова нафта.