Русија ѝ одговори на Бугарија: „Доста правите шоу со измислена шпионажа“


Руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова

Руската амбасадорка во Софија ги отфрли сите наводи дека бугарски граѓани шпионирале во корист на Моска и целата акција на апсењето на шест лица и протерувањето на двајца руски дипломати го нарече „шоу“. Во интервју за весникот „24 часа“ амбасодорката Елеонора Митрофанова вели дека ова заострување на односите на Софија кон Москва доаѓа од октомври 2019 година, иако претходните неколку години „двостраните контакти беа на највисоко ниво“.

Според неа, Русија секогаш го уважувала изборот на државите кон кои сојузи ќе се приклучат (како случајот на Бугарија со НАТО и ЕУ). Но Русија никогаш не правела незаконски дејствија во Бугарија и додава: „Доста правите шоу на оваа тема“.

Таа ги отфрла наводите на обвинителството дека една од уапсените влегува во амбасадата, туку според видео-записите се гледало оти таа дошла во конзуларното одделение да поднесе документи за регулирање на пензијата, а потоа во истото одделение доаѓа да си го земе решението.

Митрофанова тврди дека во фонот на „антируската хистерија во светот Бугарија е во авангардата на оваа уривачка тенденција“. Митрофанова, која е амбасадорка во Софија само два месеци, порачува дека никакви обиди да се скршат топлите односи меѓу двата народи нема да успеат. „Тоа е само бадијала арчење на силите“, вели амбасадорката.

„Предизборните страсти минуваат, политичката конјуктура се менува, трендовите стареат, на нивно место доаѓаат нови. Убедена сум дека вековното позитивно наследство во односите меѓу двете држави ќе го надмине и овој мачен период. Во срцата на Бугарите Русија зазема посебно место“, вели амбасадорката Елеонора Митрофанова.