Руперт Мардок се повлекува од функцијата претседател на „Фокс корпорејшн“ и „Њуз корп“

Њујорк – Медиумскиот магнат Руперт Мардок (92) денеска соопшти дека ќе се повлече од функцијата претседател на медиумските компании „Фокс корпорејшн“ и „Њуз корп“.
Мардок како претседател на двете компании ќе го замени неговиот син Лаклан Мардок, пренесува Си-Ен-Ен.
„Целиот професионален живот бев секојдневно ангажиран на вестите и идеите и тоа нема да се промени, но вистинско време за мене е да преземам поинакви улоги, знаејќи дека имаме навистина талентирани тимови“, наведе Мардок во дописот до вработените.
Мардок го нарече својот син „страствен, принципиелен лидер”. Мардок, кој со медиуми почна да се занимава во 50-тите години на минатиот век стана главен холивудски директор во 1985 година кога го купи „20th Century Fox“ за 600 милиони долари. Година дена подоцна купи неколку американски телевизиски станици и го создаде „Фокс Бродкастинг“. „Фокс Њуз“ почна со работа во 1996 година.